Полициски службеник од СВР Велес денеска е приведен во полициска станица, откако попречувал и омаловажувал полицајци во вршење на службата. Инцидентот се случил попладнево околу 13 часот на улица „д-р Христо Татарчев“ во близина на училиштето „Васил Главинов“, кога полицајци отстранувале возила за да се овозможи бележење на хоризонтална сигнализација.
Според извори блиски на полицијата, со кои контактираше Батали.нет, од засега непознати причини, полицискиот службеник, кој бил на висока раководна позиција во СВР Велес, им се нафрлил на полицајците и им се заканувал, по што тие биле принудени да повикаат полициска интервенција.
Граѓани кои биле сведоци на настанот испратија снимката од дел од инцидентот, на која се гледа како униформирани полицајци се расправаат со службеникот.
Според сведоците, полицискиот службеник, кој бил агресивен и упатувал пцовки кон политичари, се обидел да избега, но еден од полицајците успеал да го фати.
Според истите извори, можно е на полицискиот службеник да му биде поднесена прекршочна пријава за омаловажување и непостапување по наредба на службено лица.
Од СВР Велес потврдија дека се случил инцидент, но за деталите, ќе информираат дополнително.
Поврзани вести: