Ниту дождливото време не ги предомисли велешани синоќа во огромен број да го посетат првото Drive In Cinema или кино на отворено во земјава, кое се случи во Велес. Стотина возила паркирани на паркингот пред супермаркетот Кит-Го направија слика, која досега сме имале прилика да ја гледаме само на филм.
А токму филмот беше причината за собирот. Се проектираше филмот Судар (Collide), а посетителите имаа прилика да го доживеат интимно, слушајќи го звукот на филмот на радијата во својот автомоблил.
Пред почетокот на проекцијата диџејски сет имаше велешкиот DJ Popeye и токму кога требаше да почне филмот, дождот се закани да ја расипе забавата. Сепак, снаодливите организатори успеаја да ја прилагодат проекцијата на условите, па првите сцени од филмот на големото платно се појавија точно во закажаниот термин, 22 часот.
Младите велешани се презадоволни што во овој период на корона-криза, кога забавата е речиси сведена на нула, се случува нешто што ќе ги оттргне од секојдневието и ќе им понуди на велешани убава разонода во летните вечери.
„Вечерва се чувствувам преубаво, многу сум среќен што се случува нешто вакво во нашиот град. Ни фалеше кино, тоа можам со гаранција да го потврдам. Знаев дека Велес го обожува тој тип на авантури, на излегувања, сака да отиде во кино, но ете, за жал, долги години градот е без кино. Само нашите постари генерации го паметат старото кино. Многу ми е мило што на овој начин се реализира такво нешто. Овој тип на кино прв пат се појавува во САД во 60-тите години на минатиот век и сме го гледале само по филмови. Многу сум среќен што можам да го доживеам овде. Не во Скопје, не во друг град, туку во Велес, во мојот град и ќе помогнам колку што можам ова да остане, да не биде само еднаш, туку да продолжи сето ова“, рече Стефан Николовски, кој откри дека имал мал удел во организирањето на првото Drive In Cinema.
Организаторите од Младинското здружение „Transparent Future“ се задоволни од одзивот на велешани и ветуваат дека ова нема да биде единствената проекција на филм.
„Ноќниот живот во градот, посебно во ова време на корона-криза е многу сиромашен и затоа дојде оваа идеја, како нешто што единствено може да се организира во овие услови. Мотото на овој настан е „Од Велес, за Велес“. Сите овие луѓе што ги гледате се од Велес, кои се потрудија да направат нешто за Велес, да му вратат на градот, за сè што тој им дал“, рече Бубе Црвенпанов, еден од организаторите на настанот.
Идејата на овие млади луѓе е да продолжат со проекциите во текот на целото лето и да овозможат забава за сите генерации.
„Веќе почнавме да ги организираме следните проекции. И покрај тоа што денеска времето не нè посака, но и покрај тоа, сите се задоволни и се надевам дека така ќе остане до крајот на летото“, рече Гордан Јорданов, кој е дел од организацијата.
Првото Drive In Cinema го помогнаа повеќе компании од Велес, а поддршка доби и од Општина Велес. Батали.нет и Радио 5 ФМ беа медиумски покровители на настанот.
Можеби ќе ве интересира: