Борец не успеа да ја продолжи добрата серија на домашен терен и денеска го забележа само вториот домашен пораз откако лани стана прволигаш, а само прв оваа сезона. И втор пат на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ трите бода ги носи скопски Вардар, кој славеше против велешани со 0:2.
Фудбалерите на Борец имаат за што да жалат на овој натпревар. Актуелниот шампион не ги надигра, но ги совлада, само поради подобрите последни 15 минути од средбата.
Борец почна фуриозно. Се редеа шанси пред гостинскиот гол. Првата стопроцентна ја имаше Прелчец во 13. минута, но беше непрецизен, а во 26. минута Оливер Пеев ја имаше најубавата прилика да го отвори резултатот. Излезе сам пред Илиќ, но кога требаше од непосредна близина да го матира, се посрамоти и шутираше покрај левиот директ. Вардар во 34. минута преку Чарлстон имаше колосална шанса да дојде до водство, но во два наврати Ефтимов од гол линијата спаси да не се тресе мрежата на велешани.
И второто полувреме почна офанзивно на двете страни. Прво шутот на Најденов го одбрани Мустафа, па потоа Мирчевски имаше супер шанса за Вардар. Следуваа двете шанси на Борец преку Ѓорѓиев и Стојчевски, но и сега нема гол. Борец ги засили нападите кон голот на скопјани, во 52 и 53 минута преку Прелчец и Марјан Ристовски имаше големи шанси да поведе, но и сега среќата не беше со велешани. Во 63. минута Марјан Ристовски од слободен удар ја здрма стативата на Вардар.
И тука велешани како да застанаа. Во 79. минута Попзлатанов изби сам пред Мустафи, шутираше силно, топката го зафати Стоименовски и го смени правецот, а немоќниот Мустафа со поглед ја проследи топката во неговата мрежа. Откако во 85. минута Ѓорѓиев дојде во шанса да израмни, па ја промаши топката, Вардар успеа да ја потврди победата. Попзлатанов го проигра Цветановски, а тој шутираше во горниот дел од голот на домашните.
Горазд Михајлов, стратегот на Борец не можеше да биде задоволен од играта во нападот на својот тим и многуте пропуштени шанси. Неколку нереализирани зицери и статива е епилогот на овој меч кога ќе се погледне играта на велешани.
„Ние не ги искористивме шансите, а Вардар не казни. Честитки за противникот за победата. По тоа што дојде Вардар, си го оствари. Самите сме си виновни за поразот, не дадовме гол кога бевме надмоќни во првиот дел. На отворањето на вториот дел Вардар имаше иницијатива, па ние пак ја презедовме играта и пак имавме шанси. По таа статива, веќе психолошкиот момент исплива на површина и беше тешко. Мора да ја поправиме реализацијата, имаме добра игра, ама фали завршницата. Штета е што загубивме. Ама, остануваме на нозе, следат за нас нови мечеви и гледаме кон преостанатите шест кола во оваа полусезона“, изјави Михајлов за gol.mk.
По овој пораз, трет за Борец во ова првенство, велешани остануваат на четвртата позиција, но ако утре Струга ја победи Ренова, тимот од Велес ќе падне едно место подолу. Вардар со новите три бода избега од опасната зона и сега се наоѓа на шестото место. Во следното коло Борец и гостува на екипата на Ренова.
БОРЕЦ – ВАРДАР 0:2 (0:0)
Градски стадион во Велес. Гледачи:/. Судија: Марјан Маркоски (Охрид). Стрелци: Попзлатанов 79., Цветановски 90. (ВАР). Ж. Картони: М. Ристовски, Н. Ристески (БОР), Чарлстон (ВАР).
Играч на натпреварот: Јован Попзлатанов (Вардар).
БОРЕЦ: Мустафа. Ф. Ристовски, Стоименовски, Стојчевски, Коцев, Прелчец, М. Ристовски, Ефтимов (72. Митров), Десниќ (46. Ѓорѓиев), Н. Ристески, Пеев (72. Радовиќ).
ВАРДАР: Илиќ, Велковски, Радуловиќ – Величковиќ (57. Мартинага), Мицевски, Цветановски, Лазаревиќ, Попзлатанов, Чарлстон, Мирчевски (57. Петковски), Петровиќ, Најденов.
Табела: Шкендија 25, Шкупи 23, Македонија Ѓ.П. 22, Борец 19, Струга Т.Љ. 16, Вардар 16, Силекс 14, Работнички 13, Пелистер 12, Ренова 8, Академија Пандев 7, Беласица 5.
Можеби ќе ве интересира: