Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува во сабота.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека на Советот за безбедност ќе побараат продолжување на вонредната состојба.
“Утре треба да се одржи состанок на Советот за безбедност. Ние ќе побараме продолжување на вонредната состојба од повеќе причини за да имаме механизми во однос на имплемантацијата на вакви препораки и во периодот кој што следи”, рече Филипче
Тој не прецизираше дали ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба за нови 30 денови или помалку.
Доколку биде донесена одлука да продолжи вонредната состојба и Владата достави предлог, Советот за безбедност треба да одржи нова седница в петок и претседателот да донесе одлука за нејзино продолжување.
Во спротивно, вонредната состојба поради коронавирусот, која првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.