Во Општина Чашка на пет избирачки места се поднесени вкупно осум приговори за заштита на избирачкото право, кои сè уште се во фаза на разгледување во Државната изборна комисија.
Од вкупниот број, четири приговори поднел СДСМ, а четири ВМРО-ДПМНЕ. Според информациите, две од спорните избирачки места се наоѓаат во Горно Јаболчиште, едно во Долно Јаболчиште, едно во Чашка и едно во Мелница.
На овие избирачки места се запишани вкупно 3.903 гласачи, а излезеноста во првиот круг изнесувала околу 80 проценти, што значи дека секоја евентуална промена во резултатите може да биде значајна.
Доколку ДИК ги усвои приговорите и донесе одлука за повторно гласање на дел од избирачките места, можно е исходот во оваа општина да се промени и изборите да преминат во втор круг.
Во првиот круг, според првичните резултати, кандидатот на АКИ, Суат Шакиров, освои 50,71 проценти од гласовите, Горан Стојановски од СДСМ доби 24,24 проценти, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Дејан Андоновски освои 23,45 проценти.