Велес повторно ќе живее во ритамот на борењето! На 4 октомври (сабота), спортската сала „Гемиџии“ ќе биде домаќин на 23-то издание на меѓународниот турнир во борење слободен стил за кадети и младинци, „Коцев Љубомир – Листон“. Натпреварите започнуваат во 11 часот, а љубителите на спортот ќе имаат можност да проследат борби од младите надежи на борењето, не само од Македонија туку и од соседните земји.
Турнирот, кој традиционално го организира Боречкиот клуб „Борец“ од Велес, годинава ќе собере над 100 натпреварувачи од повеќе од 15 клубови. Се очекува силна конкуренција и квалитетни борби кои уште еднаш ќе го потврдат значењето на овој настан за развојот на борењето кај младите категории.
Организаторот на турнирот, Игор Мицевски – Скакар, истакнува дека ова издание го задржува високото ниво на организација и меѓународен карактер.
„Горд сум што Велес повторно е центар на младинското борење. Турнирот ‘Коцев Љубомир – Листон’ е платформа на која младите борачи можат да се докажат и да се подготват за повисоки нивоа на натпреварување. Присуството на клубови од странство само го потврдува квалитетот и репутацијата што сме ја изградиле низ годините“, изјави Мицевски.
Со традиција од над две децении, овој турнир се смета за еден од најзначајните во боречкиот календар на млади категории во регионот.