Група вработени во Затворот – Штип испратија писмо до медиумите, во кое ја демантираат официјалната верзија на директорот на Дирекцијата за извршување санкции Александар Пандов и директорот на затворот Дејанчо Здравков.
Тие тврдат дека изјавите дадени на 9 април, за наводна соработка на затворски полицајци со осуденик при барање дрога во дворот, се невистинити и манипулативни. Според нив, по забележани лица кои фрлале сомнителни предмети преку ѕидот, веднаш била започната потрага.
Иако ноќната акција била неуспешна, наутро била пронајдена кеса со сомнителна материја, по што бил известен директорот и СВР – Штип.
Полицијата извршила увид, а случајот е заведен во полицискиот билтен. Вработените додаваат дека нема докази за незаконито постапување од нивна страна и дека директорот самиот давал дозволи за посети и вонредни пакети, без тоа јавно да се спомене. Тие повикуваат на одговорност и бараат вистината да излезе на виделина.