
Речиси една година откако во земјата беше потврден првиот случај на коронавирус, Македонија денеска ја почна имунизацијата против ковид-19. Тоа беше овозможено откако во неделата Македонија ја доби првата пратка со 4.000 вакцини на „Фајзер/Бионтек“ од Србија и први кои ја примија беа примариус д-р Добринка Наунова-Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска од Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Според првичниот план вакцинацијата ќе се одвива на секој десет минути во пунктовите во модуларната болница. Денес е планирано да се вакцинираат 260 медицински лица од клиниката во Скопје,по нив следат останатите вработени од ковид центрите 8 ми септември и Козле.
Имунизацијата треба да стане помасовна откако, како што е најавено, овој месец ќе пристигнат и 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.
За вакцинирање против ковид-19 досега преку веб страницата vakcinacija.mk се пријавиле 53.070 граѓани, а преку матичните лекари 24.958 лица, информираше денеска Министерството за здравство. Веб страницата беше пуштена минатата недела, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Пријавување се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин”.
Од почетокот на пандемијата, во Македонија се регистрирани 97.456 заразени лица, од кои починаа 3.003.
Можеби ќе ве интересира: