Зад нас е тешка година, која никој не очекуваше ниту посакуваше да биде таква каква што беше, рече Игор Здравковски, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, во своето новогодишно обраќање до граѓаните. Изразувајќи сочувство до сите семејства кои, поради коронавирусот останаа без некој од најмилите, тој рече дека оваа пандемија и последиците што ќе ги чувствуваме долго после завршувањето, не научи да живееме и во вонредни услови.
„Не научи на самодисциплина, на разумни одлуки, ни покажа дека секојдневно иако незабележани, имаме комуникација со вистински херои без кои ќе беше многу потешко. Не научи да ги цениме сите алки од општеството и социјалниот живот почнувајќи од комуналците, продавачите во маркетите, аптеките, шалтерските работници, преку возачите во јавниот превоз и такистите, па се до докторите и медицинскиот персонал, кои дадоа надчовечки напори да го задржат под контрола ширењето на вирусот на Ковид 19, и за тоа сме им бескрајно благодарни“, рече Здравковски.
Тој рече дека крајот на годината е можност да се соочиме со вистината која, како што рече, за жал во Велес, е непријатна, болна и разочарувачка.
„Граѓаните на Велес испраќаат година исполнета со лаги, неисполнети ветувања, катастрофален животен стандард , сиромаштија и бесперпективност. Граѓаните на општина Велес, испраќаат година на апсурди, година на разочарувачки потфрлања во сите сегменти на велешкото секојдневие, благодарение на СДСМ, партијата со која Велес ја губи трката дури и со помали градски средини, тонејќи во неработење, нестручност и бесперспективност, проследени со тешки потфрлања во сите сфери“, рече Здравковски.
Според него, иако толку многу се најавувало, во Велес нема реализација на ниту една капитална инвестиција, нема ниту една нова фабрика.
„Нема решенија за сообраќајниот хаос во градот кој дополнително од ден на ден со “иновациите” се зголемува, освен најавите за превисока наплата за паркинг а без притоа да се направи барем едно паркинг место. Нема здрава животна средина иако екологистот толку гордо ја промовираше. Наредната година не очекува нова борба, нов своевиден референдум, референдум за враќање на градот кај граѓаните, референдум за достоинство, референдум на кој граѓаните на Велес ќе кажате дека е доста од назадувањето на Велес, доста е од тонење и доста е од безидејност. Граѓаните како и во претходните два изборни циклуси ќе покажат одлучност за да го изградиме заеднички Велес и повторно Велес да стане град! Град на просперитетот, град на авангардата, град на култура , спорт и уметност“, рече Здравковски.
Посакувајќи им на граѓаните Среќна Нова година, Здравковски им порача на политичарите кои го водат градот и државата „да се освестат и да почнат конечно да работат за интересите на граѓаните“.
Можеби ќе ве интересира: