Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираат на попречувањето на работата на новинарските екипи кое се случува во кругот на Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, се вели во соопштението на ССНМ.
Според повеќе пријави од колеги кои пристигнаа до канцелариите на ЗНМ и новинарскиот синдикат, за време на викендот и денеска на новинарите и снимателите од страна на обезбедувањето на болницата не им бил дозволен пристап и биле бркани дури и на паркингот на болницата .
Укажуваме до Министерството за здравство и менаџерите на ГОБ „8-ми Септември“ дека не смеат да го ограничат пристапот на новинарите да известуваат за теми поврзани со работата на болницата и пандемијата .
Свесни за сензитивноста на темите за кои има особен јавен интерес, потребно е да се обезбедат услови каде новинарите ќе имаат можност непречено да известуваат . Потсетуваме дека слободата на изразување е уставно загарантирано право во Република Северна Македонија кое не може никој поединец да го ограничи бидејќи со тоа ќе има прекршување на членот 16 од Уставот . Особено што станува збор за теми од исклучителен јавен интерес.
Новинарите и уредничките тимови особено во вакви услови на криза потребно е да известуваат во согласност со етичките принципи на новинарската професија со штитење на приватноста на граѓаните кои можат да бидат дел од сниманиот материјал . Потсетуваме дека според Етичкиот кодекс на новинарите, новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, исто така новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост .
Доколку граѓаните имаат забелешки за работата на новинарите и медиумите потсетуваме дека имаат можност да достават претставки до Советот на честа или Советот за етика на медиумите во Македонија .
Истовремено бараме од Министерството да ја повлече одлуката за снимање пред тријажниот центар и околу болницата „8 Септември” само со дозвола од директорот на болницата или Министерството, бидејќи со тоа директно се оневозможува работата на новинарите и фоторепортерите кои известуваат за состојбата со ковид кризата и состојбата во болницитe, велат од самостојниот синдикат на новинари на Македонија
Можеби ќе ве интересира: