среда, 23 септември, 2020
Реклама

(ВИДЕО) Амбасадорката на Германија во посета на Кавадарци

Германската амбасадорка Анке Холштајн денеска беше во работна посета на Кавадарци. Таа оствари средба со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Во изјава за медиумите, градоначалникот ја истакна долгогодишната соработка и рече дека со амбасадорката разговарале за понатамошна соработка во повеќе области. Се осврнале и на најголемиот работодавач во државата, германската фабрика „Дрекслмајер“, околу нивните планови и идни вработувања.

Република Германија и KFW германската банка се едни од најголемите поддржувачи на општина Кавадарци со неколку грантови, нагласи Јанчев, информирајќи дека завршен е грантот од 620 илјади евра, за реконструкција на водоснабдувањето во општината. Сега е имплементацијата на втората фаза, во месец октомври ќе започне тендерирањето на новите проекти.

„Тоа е грант добиен од пред две години, преку германската влада и банката од 2.5 милиони евра. Општина Кавадарци со германска поддршка ќе добие комплетна нова атмосферска канализација“, рече градоначалникот Јанчев, изразувајќи благодарност за посетата.

Задоволство од средбата изрази и амбасадорката.

„Разговаравме за политичката, економската и културната соработка меѓу нашите две земји која е на многу високо ниво, како и за европската перспектива на Република Северна Македонија, се обрати таа на македонски јазик“, рече амбасадорката Холштајн.

Таа потсети дека Германија во моментов претседава со Советот на Европската Унија.

„Со оглед на актуелните состојби, нашиот главен акцент е справување со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан сакаме да покажеме дека нашите партнери при борбата со пандемијата, можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со пет милиони евра. Понатамошни десет милиони се на пат. Освен тоа, ЕУ помага со 3.3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина“, рече амбасадорката Холштајн.

Таа се осврна и на фактот дека во Кавадарци се наоѓа германскиот инвеститор со најголем број на вработени во државата „Дрекслмајер“.

„Ја посетив компанијата и имав можност да се уверам дека во услови на пандемија, здравјето и безбедноста на вработените се највисок приоритет. Компанијата е постојано во контакт со надлежните македонски институции, ги следи сите дадени насоки, како и со германскиот институт Роберт Кох, според кој спроведува дополнителни здравствени протоколи, наложени од централата“, појасни амбасадорката Холштајн.

Можеби ќе ве интересира:

Реклами