недела, 25 октомври, 2020
Реклама

Стевановиќ за РСЕ: Ќе почнат да веруваат во корона кога ќе им се разболи некој близок

Dr.Milena Stevanovik

Кога некој ваш близок ќе дојде да има потреба од болница, од сериозно лекување, кога нивниот живот ќе биде во ризик, тогаш ќе стигне вербата дека постои ковид-19, вели директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје, доктор Милена Стевановиќ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа

Докторка Стевановиќ и покрај неколкумесечната битка со епидемијата, високиот број на новозаболени, како и високата смртност, дел од луѓето се уште сметаат дека корона-вирусот е измама. Како да се убедат овие луѓе дека станува збор за сериозна болест која што може да биде смртоносна и лесно пренослива?

Веројатно бројката на луѓе кои ќе имаат сериозна потреба од медицинско-болничко лекување ќе стигне до секој еден, кога некој ваш близок ќе дојде да има потреба од болница, од сериозно лекување, кога нивниот живот ќе биде во ризик, тогаш вербата и ќе стигне. Но страшно е ако го дозволиме тоа навистина ќе почнеме да ја губиме сериозно битката со ковид, не смееме да дозволиме вакви драстични, лични и емотивни случувања да ни бидат расветлување, разбистрување на свеста и стигање на информацијата, сето тоа може да биде многу полесно.

Според прогнозите на Светската Банка за развојот на пандемијата во земјава во однос на употребата на мерките за ублажување на неговото ширење, има три сценарија. Едното е дека 25 проценти од македонското население ќе се зарази со ковид-19, второто е дека ќе се зарази 50 проценти, и третото, најцрното, односно можноста да се зарази 80 проценти од населението доколку не се користат мерки за ублажување. Според вашето мислење, според вашата проценка, во кое сценарио, од денешен аспект, би ја ставиле Македонија, имајќи го предвид и последниот пораст на бројките на новозаразени?

Секако ако продолжиме да се однесуваме вака, црно сценарио од која било категорија нема да ни избега, мораме да се вратиме на однесувањето и на зборувањето за да не се случат овие црни сценарија. А тоа е навистина толку многу пати повторено на сите различни нивоа, во смисла да се допре до сите различни таргет цели за примена на овие препораки и информации.

Како информација се посочува статистиката дека растот на новозразени е во возрасната група од 30 до 39 години. Што значи тоа, имате ли некаква анализа зошто баш оваа возрасна група е во најголем степен меѓу новозаразените?

Најактивна е. Најмногу движи, во најголем ризик се става, најмалку внимава на преносот на инфекцијата. Размислуваат, сигурна сум во тоа, дека се непобедливи, и дека до нив, и да ја добијат инфекцијата, не можат да имаат тешки последици. Но ние видовме дека тоа не е баш така, барем не кај сите.

Извор: slobodnaevropa.mk

Moжеби ќе ве интересира: