Реклама

Извештајот ќе покаже дали имало пропуст во лекувањето на починатата пациентка од Берово

Klinicka bolnica Stip

Извештајот на Комисијата за контрола на квалитет на здравствени и етички прашања при штипската Клиничка болница за начинот на лекувње на 41 годишната Руменка Довичинска е готов. Но, засега за јавноста е тајна што пишува во него. Од Болницата без детали, велат ги почитувале насоките на здравствените инспектори и во иднина ќе достават се што ќе биде побарано од нив, но ќе чекаат да заврши стручниот надзор.

„Уште еднаш би апелирал да престанат нападите на трудот на медицинските работници во борбата со ова зло што го покоси буквално целиот свет. Да ги почитуваме здравствените работници, да ги почитуваме мерките за заштита бидејќи состојбата и така е премногу тешка“, пишува Ален Георгијев, директор на КБ, во соопштението испратено до медиумите.

Предметот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, преку Министерството за здравство, заедно со извештајот, изјавите на персоналот и наодите од увидот на инспекторите, утринава се препратени до Лекарската комора. Од нивните редови ќе се формира нова комисија, за стручен надзор, од чии наоди ќе зависат сите понатамошни чекори.

„Утринава побаравме  од Лекарската комора да изврши Стручен надзор во врска со пациентката од Берово. Законски Комисијата за стручен надзор нема временска рамка до кога треба да го заврши извештајот. Но, кога ќе биде готов, за осум дена треба да стигне во рацете на Министерот за здравство“, велат од Министерството за здравство.

Претходно директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, рече дека за овој случај не треба да има брзање бидејќи треба да се истражат сите протоколи и целокупниот начин  на лекување на беровчанката што пред шест дена почина  како последица на тешка форма на бронхопнемонија. Но, нејзиниот случај  не е единствен за кој Лекарската комора ќе треба да прави стручен надзор.

На маса пред нив заедно со случајот од штипско инфективно досега се наоѓаат 10 барања за стручен надзор на лекување на пациенти од Струмица, Свети Николе, Битола, Тетово, Кавадарци и Ресен. Во постапка се уште две барања, стигнати денеска. Се работи за помлади пациенти кои што од  последици на Ковид починале во повеќе здравствени установи во земјава.

Mожеби ќе ве интересира: