сабота, 23 октомври, 2021
Реклама

Андријана од Велес е првата и единствена класик кросовер пијанистка во Шведска

Андријана Димитриевска e првaта и единствена класик кросовер пијанистка во Шведска. Идејата да започне да живее таму дошла спонтано, непланирано, и судбоносно како што вели таа. Во Шведска отишла пред 15 години, точно една година откако дипломирала на Музичка академија во Скопје. Сакала да магистрира во Шведска и да учи колку што може повеќе. Тоа и го направила, ама прво се случила љубов, па брак.

Додека одела по пет часа на школо за шведски јазик, истовремено студирала, специјализирала на Музичката академија клавир и камерна музика на англиски, а паралелно дома се учела да зборува на српски со сопругот.

Годинава Андријана магистрираше педагогија, води своја приватна школа за клавир, предава музичко и клавир истовремено во државна школа во Шведска и снимаше албум и спотови.

Agria

„Сè правам паралелно. Тешко е кога имаш многу идеи, и сакаш многу работи, ама тоа му дава смисла на мојот живот, како и мојата фамилија. Кога ја имам поддршката од нив сè ми е полесно. Ама тоа е мојот живот. Јас не можам, не сакам, а и не знам како побавно да го живеам. Можеби и тоа е цената за успехот“, вели Андријана на почетокот од ова интервју.

Во Шведска, а можеби и во Македонија сте прв и единствен артист за светски познатиот и популарен жанр, класик кросовер музика. Од каде и како се раѓа идејата за овој жанр кај вас, со оглед на тоа што сте прва артистка што го изведува од кого и како учевте за истиот?

Идејата за classic crossover музика започна уште во времето на моето средно музичко образование во „Илија Николовски Луј“, Скопје. Имаше се сеќавам концерт на една пијанистка која свиреше некоја, за тоа време новокомпонирана клавирска музика. Веднаш се заљубив во идејата. И не се работеше само за стилот на музиката, туку исто така и за енергијата која се добива на така голема сцена. Никогаш не сум ја сакала или можеби не ме исполнувала до крај пасивна атмосфера на класичните концерти, отсекогаш сум била понесена од многу повеќе енергија и адреналин за сè што работам во животот. Јас сум таква личност, многу повеќе темпераментна, жива, заљубена во сè што животот носи, сите предизвици и ризици. Сите мои солистички концерти, а ги имав многу, посебно во мојот роден Велес, биле поинакви, или барем сум се трудела на публиката да ѝ приредам некое поинакво искуство. Секогаш размислував за декорацијата на сцената, каков амбиент да се направи во салата каде што свирам, тоа да биде едно доживување кое ќе се памети засекогаш. Овој стил на музика не се учи. Тоа е комбинација од знаењето, виртуозноста која еден музичар, во овој случај пијанист, ја поседува заедно со неговата креативност, страст и идеја. За оваа врста на музика не е потребно само да знаеш да свириш инструмент, всушност треба музичарот да поседува талент за импровизација и да биде единствен во своите идеи. Тоа е мое размислување.

 Вашиот втор албум „Fate Symphony“ веќе излезе, кажете ни нешто повеќе за него?

На 12-ти мај, излезе мојот втор спот и втората композиција од албумот „Chasing Dreams“, а тое е преработка на Судбоносната симфонија од Бетовен. Едно фантастично ремек-дело од Бетовен, композитор кој обожувам да го свирам. Спотот е снимен на едно од моите омилени места во Малме, Шведска. Таму ги поминував моите „студентски“ денови, првите три години кога се преселив во Шведска. Едно фантастично, монденско место, многу популарно за сите кои доаѓаат во Шведска. Таму поминував часови и часови додека го учев јазикот, па моите труднички денови со моето прво дете, и многу преслушани песни и прочитани книги. Сите што ме познаваат знаат дека таму можат да ме најдат кога времето е топло овде.

Претходниот и прв ваш албум е насловен „Chasing Dreams“, кои и кави сониште вие следите?

„Chasing Dreams“ е мојот прв албум кој брои 8 преработени популарни композиции од Beethoven, Chopin, Rachmaninoff и Bach, снимен во Шведска. Дел од композициите се снимени во една позната концертна сала во Малме, дел се снимени во моето домашно студио. Секоја композиција од овој албум има свој спот. Еден е снимен во Словенија, неколку од нив се снимени на познати локации низ Шведска, а последниот е во припрема да се снима во Македонија. Тоа ќе биде вистинско уживање за сите и едвај чекам да дојдам, па за тој спот можеби ќе имаме посебна прилика да разговараме. Албумот ќе биде поставен на мојот официјален Јутјуб канал, како и објавен на сите дигитални платформи: Spotify, Deezer, ITunes, Apple Music итн. На мојата веб страница ќе постои можност да се купи ЦД за оние кои се уште ја користат таа опција. Секој месец ќе излегува по еден спот за секоја композиција од албумот, така да ќе ме слушате активно.

Многу важен фактор во овој процес на обработка на класични дела е да се има добар продуцент. Таа моја потрага траеше со години. Првата композиција ми ја работеше Дарко Димитров пред две години, меѓутоа дистанцата меѓу нас си го направи своето. Три композиции ми ги работеа Denniz Jamm и Costa Leon, доста популарни продуценти овде во Шведска. Меѓутоа, честа, да направи маестрални продукции на четири композиции како и да го води цел проект му припадна на извонредниот, маестрален Темелко Андреев, исто од Велес. Немам зборови за неговиот талент. Тој точно знае што сакам, што барам и буквално е на располагање 24/7 што се однесува до овој проект, кој е многу поголем и покомплексен отколку што изгледа финалниот производ. Кога еден артист ќе запознае продуцент кој му ги чита мислите и знае да му ги исполни сите луди идеи, тогаш нема крај на вашата креативност. Се надевам на многу понатамошни заеднички успеси. Во Македонија навистина има преталентирани луѓе од секоја бранша, посебно од музиката. 
Кога сме кај Велешаните, во една од композициите соработувам и со светски познатиот наш кларинетист Благој Ламнјов. Заедно почнавме во Скопје да студираме на Академија, ама после кратко време тој се отсели во Шведска. Јас го сретнав во ходник во Музичката Академија во Малме. И така останавме во контакт. Една вечер му се јавив касно и му реков: „За три дена снимам во студио, имам една композиција која морам да ја свирам со тебе. Во моиве уши го слушам звукот на арменскиот дудук кои го свириш фантастично”… и така настана таа соработка, хахах. Влеговме во студио, пробавме еднаш и ја снимивме волшебната ”Moonlight sonata” со пијано и арменски дудук. Ќе слушнете..

Колку во Шведска се слуша жанрот на музика кој вие го изведувате, а колку истиот е прифатен кај нас?

Во Шведска сум прв classic crossover артист/пијанист и публиката почнува да се навикнува, иако морам да признаам дека се далеку од разиграната Европа. Затворени си се во некоја своја кутија и нивната мирна природа е раздрмана од таквите како мене, хахахах. За во Македонија не знам, ама сум сигурна дека оваа музика многу ќе му се допадне на мојот народ. Ние имаме таква жива природа како нација, весели сме и позитивни. Не гледам причина зошто да не се слуша оваа музика и во Македонија. Јас дури и се надевам на голема гледаност од моите сограѓани.

Погледнете и слушнете една од маестралните изведби на Андријана:

Преземено од zenskimagazin.mk

Можеби ќе ве интересира: