вторник, 29 септември, 2020
Реклама

(ВИДЕО+ФОТО) Илчо Боров – велешкиот фудбалски Моцарт

Borov Vardar za naslovna

Велешанецот Илчо Боров несомнено е еден од најдобрите фубалери кои Велес некогаш ги имал. Велешани го паметат како одличен играч за врска, мотор на екипите во кои играше, во својата богата фудбалска кариера. Негова специјалност беа одличните дриблинзи, точните топки со кои ги разигруваше своите соиграчи, но и мајсторските голови од слободни удари.

Кариерата ја започна во велешки Борец, а потоа премина во редовите на Пелистер, кој во таа натпреварувачка 1991/92 година играше во Првата сојузна југословенска лига.

Боров со успех настапуваше и во штипска Брегалница, кратовски Силекс, прилепска Победа и во најтрофејниот македонски клуб, скопски Вардар, а имаше и кратка интернационална кариера во албанскиот прволигаш Аполонија. Кариерата ја заврши таму каде што и ги започна првите фудбалски чекори, во велешки Борец. Со клубовите во кои играше освои многу титули и трофеи.

На youtube наидовме на еден меч од дебито на Силекс на европска сцена, во тогашниот Европскиот Куп на победниците на куповите, одигран пред точно 25 години, кога противник му беше унгарскиот претставник Вац. Првиот меч во Унгарија заврши нерешено 1:1, па пристигна и реваншот во Кратово. А таму, речиси цел град на трибини. Силекс игра одлично, играчите буквално везат на теренот. А најдобар меѓу нив, велешанецот Илчо Боров. Силекс победи со 3:1, со еден евро-гол и една асистенција „со очи“ на Боров.

Погледнете ја сторијата од овој меч, емитувана на унгарска телевизија.

Во следното коло, Силекс наиде на силниот германски бундеслигаш Борусија Менхенгладбах, кој во тоа време, во своите редови го имаше еден од најдобрите светски фудбалери Стефан Ефенберг. Првиот меч во Германија Силекс го загуби со 3:0, но играше одлично се до моментот кога токму Илчо Боров не доби црвен картон, поради еден неспортски потег. На реваншот, кој се играше на Градски во Скопје, кратовчани, но без Боров, кој поради казната не можеше да настапи, одигра уште еден одличен меч, кој го загуби со 3:2.

Во тоа време, неколку германски клубови од Бундеслигата беа заинтересирани да го видат Илчо Боров во своите редови.

За жал, на youtube не може да се најде снимка од првиот натпревар во Менхенгладбах, но наидовме на видео извештај од вториот, кој можете да го погледнете во продолжение.

Подоцна, кога Боров премина во редовите на Победа од Прилеп, влезе во историјата и на овој клуб. Тој беше во составот кога прилепчани за прв пат во својата историја настапија на европска сцена, во Купот на УЕФА против полска Одра Вогислав.

Погледнете го видео извештајот од натпреварот кој се одигра во Прилеп, а кој Победа го доби со 2:1, но поради поразот на првиот натпревар од 3:0, беше елиминирана од понатамошното натпреварување.

По успешната авантура во Победа, Боров потпиша договор со најтрофејниот македонски клуб Вардар, каде што три години со успех го прикажуваше своето фудбалско знаење.

Илчо Боров во својата кариера одигра и пет натпревари за македонската фудбалска репрезентација.

Реклами