Реклама

Монтажната болница во дворот на Инфективното одделение ги прими првите пациенти со Ковид-19

Се мобилизира медицинскиот персонал од јавното и приватното здравство со цел да го амортизира напливот на пациенти заразени од коронавирусот, информира Венко Филипче, на денешната прес конференција.

Тој кажа дека од вчера на Инфективната клиника и Градската општа болница „8 Септември“  се ангажирани дополнителни 54 доктори и медицински сестри како помош на персоналот кој скоро четири месеци се бори со вирусот.

Agria

„Во моментов капацитетите на клиниките се различно пополнети. Пополнетоста е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од засилување. Во однос на реорганизацијата разговарав со приватните клиники кои го понудија и својот персонал како поддршка и ќе направиме распоред и доколку има потреба и тој кадар ќе биде на помош во јавно здравствените установи. Доколку се преполнат нашите капацитети ќе се користат и болничките кревети во приватните болници. Дел од приватните болници имаат патеки и делови за изолација во коишто може да се третираат овие пациенти за таа услуга за која што биле примени, се со цел да се ослободи притисокот од болницата „8 Септември“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

gio_1001-scaled-2

До сега најголем наплив на пациенти има Инфективната клиника и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, а од вчера на Инфективната клиника се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница.

Во „8 Септември“ има слободни околу 250 кревети, но проблем е персоналот, а болницата во Битола според министерот е во добра кондиција. Ковид одделение има спремно во Кавдарци, каде што за сега нема сместено пациент со коронавирус, а во болницата во Тетово има сместено вкупно осум пациенти, а со оглед на на големиот број на позитивни пациенти во овој регион, направен е план да се обезбедат до 100 кревети.

Филипче вели дека здравствениот систем за сега успешно се справува со коронавирусот и дека нема да има недостаток на кадар.

„Целиот менаџмент е максимално мобилизиран и верувам дека ќе одговариме успешно и на овој предизвик. Ова е најголемата здравствена криза, никогаш не сме се соочиле со ваква криза. Но, имаме знаење и план за оваа криза да ја надминеме. Го спремивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Тој упати и апел до сите граѓани да дадат поддршка за здравствените работници и трпение од пациентите чии прегледи се откажани и кажа дека очекува за брзо време да имаат пристап до сите здравствени услуги.

Изградбата на монтажната болница е проект на велешката компанија Брако, која имаше рок за изведба од 21 ден, но успеа целиот проект да го завшри за 14 дена. Менаџментот на компанијата целосно се откажа од заработката за овој проект.