Реклама

УЗУС најатрактивен, најмал интерес за Економска

UZUS

Вкупно 460 полуматуранти се пријавиле за упис во средните училишта во Велес во првиот уписен рок, кој заврши вчера. Најголем интерес има за Средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“ или познатиот УЗУС, во кој пристигнале 204 пријави.

Најмногу интерес има за струката „електротехничар за компјутерска техника и автоматика“. За овој образовен профил се пријавиле речиси една третина повеќе ученици од бројот, со кој училиштето конкурирало во Министерството за образование и наука. Годинава ССОУ „Коле Неделковски“ ќе запише 68 ученици во овој профил, кои ќе ги распореди во две паралелки, а за оваа струка пристигнале дури 92 пријави.

Agria

На второ место по интерес е ССОУ „Димитрија Чуповски“, или Хемиска, во која се пријавиле 129 полуматуранти. Учениците најмногу ги интересираат образовните профили „медицинска сестра“, „болничар“ и „козметичар“.

Во гимназијата „Кочо Рацин“ се пријавиле 117 ученици, од кои 93 конкурирале за настава на македонски јазик, а 24 полуматуранти, за настава на албански јазик.

Најмал интерес има за учење во општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ попозаната како Економска, во кое до вчера се пријавиле 28 ученици.

За велешките средни училишта интерес има и од полуматуранти од други градови, па така, пријави се пристигнати од ученици од Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Дојран, Негорци, Демир Капија, Свети Николе.

Сега, училишните комисии треба да направат рангирање на кандидатите, па во училиштата ќе се запишат оние кои ги исполнуваат критериумите.

Сепак, овие бројки не се конечни, велат од општина Велес. Ќе следуваат уште два уписни рокови, а очекуваат сегашниот мал број пријавени ученици во Економска да се зголеми.

Сепак, проблемите со малиот број ученици во градот од година во година е сè поизразен.

Во Општина Велес во учебната 2019/2020 година завршија 433 ученици во 9-то одделение, што е за 31 ученик помалку во однос на лани. Во средните училишта матурираа 419 средношколци или 135 ученици помалку од минатата година.

Второто пријавување за запишување на ученици во средните училишта е на 24 и 25 јуни, а третото на 29 јуни.

Можеби ќе ве интересира: