Реклама

(ВИДЕО) Кочо Анѓушев се откажува од Борец?

Сопственикот на Брако и главен спонзор на Борец, Кочо Анѓушев најави дека е можно да престане да го спонзорира клубот. Револтиран од, како што рече, односот на ФФМ, но и на велешките делегати во Федерацијата кон Борец, тој предвреме го напушти денешното Изборно Собрание на Општинскиот фудбалски сојуз на Велес.

Zito akcija 640x289px

Анѓушев смета дека Собранието е договорено и дека денешниот избор е само фарса. Според првиот човек на Брако, Борец не добива вистинска поддршка ниту од велешките делегати во ФФМ, за која обвини дека работи против интересите на Борец.

Agria

„Ако зборуваме отворено, Борец е фудбалот во Велес и Борец го препознаваат во Велес по фудбалот. Како што гледате, Борец го дотеравме до Прва лига, со чесна и посветена работа, но позади тоа стојат сериозни финансиски средства. Тие пари ги даде Брако, ги даде мојата фирма и ги дадов лично јас, кои во периодот од повеќе од четири години, се над еден милион евра. Фудбалот се игра за публика, но тој не може да се игра без финансии. Ако имаме фудбал без финансирање, Борец ќе се врати таму каде што беше пред четири години. Јас потрошив еден милиони евра мои лични пари, за Борец да биде таму каде што е сега – во Прва лига. Борец има добар резултат годинава, посебно на почетокот на ова првенство, но потоа се случија некои работи, кои беа далеку од спортски. Ова беше најизразено на натпреварот со Шкупи во Скопје, кога претставник на домашните влезе во соблекувалните кај судиите, а на тој натпревар беше присутен и потпретседателот на ФФМ Лазар Ракиџиев, но тоа не влезе во записникот од наптреварот. По ова, против Борец беа досудени два пенали и го загуби натпреварот. Во ФФМ има разни договарања, а и ова собрание е пример за тоа“, рече Анѓушев.

Пред Анѓушев да побара збор, на дневен ред беа избор на членовите на телата на Собрранието кои требаше да го спроветат изборот на ново претседателство. Откако за оверувачи на записникот беа предложени двајца кандидати, Анѓушев се предложи себе си како трет. Откако по неколкуминутно натегање се утврди принципот на избор на двајца од предложените кандидати, делегатите гласаа поединечно за секого, а Анѓушев доби најмалку гласови. Потоа тој побара да се обрати и рече дека се предложил себе си, само за да и покаже на јавноста дека Собранието е фарса.

„Преку ова сакав само да покажам како изгледа ова Собрание и што е всушност Собранието. Тоа е една оркестирана работа, која треба да изроди веќе однапред познати решенија. Немам намера да бидам ниту оверувач на записник, ниту да бидам на било која функција во Федерацијата, но сакам да кажам дека се додека вака се водат работите, фудбал во Македонија ќе нема“, рече Анѓушев и продолжи:

„Респектот спорема спонзорството во фудбалот го нема. Во оваа сала јас имам респект спрема сите, но само јас сум тој кој потроши еден милион евра, за Борец да биде тоа што е денеска. Вие респектот спрема мене го покажавте. Јас нема да учествувам во такво сценарио. Да учествувам во избор на делегати, кои ќе поддржуваат Фудбалска федерација која ќе работи против Борец е исто како да си пукам во нога и тоа нема да го направам. Вие можете да гласате и да надгласувате и тоа не е проблем, иако е проблем Борец да има само еден делегат во ФФМ, оти мислам дека Борец е многу повеќе од тој еден делегат. Ниту пак имам намера да врбувам делегати по кафеани, но имам намера да ви дадам еден апел – сите ние тука треба да се бориме нашите клубови и нашиот Борец да оди напред. Можете да направите се, но едно не можете, а тоа е да ги натерате спонзорите, доколку нема фер плеј, да продолжат да финансираат. Тоа нема да го направам јас, нема да го направи Брако и го доведувате во прашање постоењето на клубот, бидејќи не можеме да финансираме во такви сценарија. Јас такви сценарија нема да финансирам. Продолжете со Собранието, ви посакувам многу среќа, успех, но морам да ви кажам дека Брако сериозно ќе ги преразгледа своите одлуки за финансирање, Брако и понатаму ќе покаже општествена одговорност, но вие, со вашите одлуки фудбалот во Велес ќе го вратите на нивото од пред четири – пет години, во трета и во втора лига. Судбината на Борец вие денеска ја одлучивте“, рече Анѓушев.

По ова, Анѓушев ја напушти седницата. Веднаш потоа, за збор се јави поранешната претседателка на Борец Олгица Пепелашева, која се пожали дека Анѓушев не и дозволил да се качува на стадионската ложа и рече дека фубалот во Велес не почнал со Анѓушев, играл фудбал и во времето кога таа била на чело на клубот, кој така се спасил од распаѓање.

Во сличен стил дискутираше и претседателот на Синдикатот на фудбалери на Македонија Панче Ќумбев, кој изрази револт од тоа што, како што рече, Анѓушев рекол дека 20 години во Велес немало фудбал. Ќумбев потсети дека женската екипа на Борец пред неколку години била првак на Македонија, а младинската школа на Борец го освоила Купот на Македонија.

По ова, Борец влегува во неизвесна иднина и се ќе зависи од конечната одлука дали Брако и Кочо Анѓушев ќе продолжат да го финансираат клубот.

На денешното Изборно Собрание на ОФС Велес за старо – нов претседател беше избран Лазар Ракиџиев, кој во исто време е и потпретседател на ФФМ.

Целото Изборно Собрание на ОФС Велес можете да го проследите тука:

Можеби ќе ве интересира:

https://batali.net/17729/lazar-rakidhiev-povtorno-izbran-za-prv-chovek-na-opshtinski-fudbalski-sojuz-veles/