Прволигашките фудбалски натпревари за една година ќе се преселат на помошното игралиште во Градскиот парк, откако овој објект ќе добие нов лик. Со инвестиција од околу 400 илјади евра, кои ги обезбеди Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ќе се постави нова подлога на теренот, ќе се посее природна трева, автоматски систем за полевање, а ќе се изградат и нови покриени трибини со капацитет од 1125 гледачи.
Реконструкцијата на помошното фудбалско игралиште ја најавија претседателот на Општинскиот Фудбалски сојуз Велес и потпретседател на ФФМ, Лазар Ракиџиев, претседателот на ФФМ Муамед Сејдини и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
„Се надевам дека општината ќе изнајде решение да поставиме урбана опрема – соблекувална која ќе ги задоволува стандардите, за да може на овој терен да се играат прволигашки натпревари“, рече Ракиџиев.
„Сакам да се заблагодарам на сите велешани, на Фудбалскиот клуб „Борец“, за поддршката што ја имавме од градоначалникот на Општина Велес околу проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште. Ова игралиште ќе добие сосем нов лик“, рече Сејдини.
„Ова е значајна работа за нас затоа што Велес е познат како фудбалски град. Се надевам дека во значителна мера ќе ги подобриме условите за тренирање почнувајќи од најмладите генерации па до одигрување на врвни натпревари. Се надевам дека на овој терен ќе ни гостува и фудбалската репрезентација на некои подготовки. Исто така се надевам дека од овој тревнат терен ќе произлезат млади таленти и ќе играат за „Борец“ и во другите клубови“, истакна Коцевски.
Проектната документација за реконструкција на помошното фудбалско игралиште ја изработи Општина Велес со финансиски средства во висина од 200.000 денари. Рокот за реконструкција е една година.
Можеби ќе ве интересира: