Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на тешка сообраќајна несреќа во близина на граничниот премин Табановце во која едно лице го загуби животот.
Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, “Фолксваген поло” со кумановски и “Фолксваген голф” со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока.
По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил “Опел инсигниа” со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала.
Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.
Засега, неофицијално, учесник во сообраќајната несреќа е српскиот рок-музичар и член на жирито на српското шоу „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид.
Можеби ќе ве интересира: