Реклама

Кирил Гајдов од СДСМ поднесе оставка од Советот на Општина Велес

Членот на Советот на Општина Велес од редовите на СДСМ Кирил Гајдов денеска поднесе оставка на советничката функција. Тој за оваа одлука го информирал претседателот на Советот. Во писмениот допис навел дека оставката ја поднесува од лични причини.

Текстот продолжува под рекламата

Zito akcija 640x289px

Во изјава за Батали.нет, Гајдов вели дека се повлекува од Советот, како израз на морален и политички чин, после лошите резултати на Општинската организација на СДСМ во Велес.

Текстот продолжува под рекламата

Agria

„Оставката е морален и политички чин на политичка одговорност што треба да ја има секој што решил да се занимава со неа. Одлуката да поднесам оставка од Совет е резултат на потребата на граѓаните од промена, не само на власта, туку и на луѓето што ја преставуваат политичката партија на која и дале доверба пред тоа. Ова треба да е мотив и поттик за сите директно инволвирани во тешкиот пораз што го доживеавме“, рече Гајдов.

Тој ги повика и останатите негови сопартијци во велешката организација на СДСМ кои се на функција, да го следат неговиот пример, бидејќи, според него, само така партијата ќе може да излезе од кризата.

„СДСМ останува политичка партија која е мастодонт на социјалдмократијата и како таква, ќе мора да го надживее овој период, затоа што и како опозиција има обврска да делува во интерес на граѓаните. Сепак, да не заборавиме, најтешките и најважните одлуки во интерес на државата, се донесени токму од нас“, вели Гајдов.

На изборите за пратеници кои се одржаа минатата недела, во Велес СДСМ доби 4474 гласови или речиси 10 илјади гласови помалку од нивниот конкурент ВМРО ДПМНЕ, што е историски најслаб резултат на оваа партија. На локалните избори одржани во 2021 година, кои се последни избори пред парламентарните годинава, на гласањето за членови на Советот СДСМ освои 7271 глас.

Кирил Гајдов е поранешен председател на Советот на Општина Велес, а ова му беше трет мандат како член на Советот. Во претходните два беше избран како кандидат од редовите на НСДП, а пред две години тој повторно се врати во СДСМ, во која членуваше пред појавата на партијата на Тито Петковски.

Неговото советничко место ќе го заземе Трајче Миланов, кој е следен на листата на СДСМ.

Можеби ќе ве интересира: