Реклама

(Видео) Мандаторот Мицкоски: До Собранието поднесени програмата и составот на новата влада

Mickovski

„Штотуку во архивата на македонското Собрание ја поднесов предлог-програмата за работа на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ како мандатар, а исто така заедно со програмата за работа на идната влада е поднесен и списокот на членовите на идната влада. Како придружен дел на тој список се и нивните биографии“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Zito akcija 640x289px

„Очекувам тие да биде ставени на дневен ред пред пратениците за време на викендот, односно 22 и 23 јуни, колку што би требало максимално да трае дебатата во рамките на македонското Собрание.

Agria

Граѓаните очекуваат брзи резултати. Јасно е дека оваа влада, како и очекувањата на граѓаните се да го испорачува она што го ветуваше. Не ветувавме многу за време на кампањата, ветивме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните, односно државата, која изминативе седум години беше заробена од страна на мала група властодршци што доаѓаа од досега владејачките партии, конечно, е слободна и ќе им биде вратена назад на граѓаните.

Имаме група на луѓе кои ќе бидат дел од идната влада, која е исклучително мотивирана веднаш да ги постигне резултатите. И јас очекувам дека секој од нив максимално ќе се заложи, ќе даде и повеќе од својот личен капацитет да направиме нешто за нашите граѓани. Тие тоа го заслужуваат бидејќи тие своето го направија, а сега е на ред ние да направиме нешто за нашите граѓани. Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за политичкиот не сакам ни да зборувам. Нема да има толерирање, без разлика од која политичка партија доаѓа каква било злоупотреба и овластување на кое било именувано лице доколку тоа биде дел од какви било криминални или коруптивни скандали за кој постојат докази, се разбира.

Истовремено, сериозно планираме да расчистиме со сомневањата, информациите, кои особено изминатиов период, како и доказите, стигаат до нас за многу злоупотреби што се случувале изминативе 7 години, тоа им го должиме на граѓаните и лично тука ќе се заложам.

Исто така, очекувам брзи резултати на полето на економијата, бизнисот може да се чувствува сигурен, ќе имаме цврста влада, стабилна влада, која ќе испорача реформи, влада што го охрабрува бизнисот да вложува во проширувањето на своите капацитети, да вработува што е можно повеќе наши сограѓани, а ние како влада, се разбира, ќе продолжиме, односно ќе бидеме нивен сервис за остварување на нивните права и зголемување на нивното бизнис-портфолио.

Младите ќе бидат наш главен акцент, исто така сведоци сме дека имаме класичен егзодус на млади луѓе кои ја напуштаат Македонија и својата иднина ја бараат некаде далеку од овде, за жал, 8 од 10 мои студенти, кои по дипломирањето ќе ги прашате каде понатаму, велат – одлучивме да ја напуштиме Македонија бидејќи овде нема перспектива, нема иднина. Тоа треба да се промени, таа состојба и таа перцепција треба да се променат. Како? Само со напорна работа, да го оставиме срцето на терен, да немаме поделба на граѓани од прв и граѓани од втор и трет ред, односно сите да се чувствуваат еднакво, да нема политичка каста која ќе биде привилегирана, а сите други да бидат граѓани од втор, трет ред, па и понизок ред, тоа јас го гарантирам лично дека нема да се случува.

Зборував и вчера за време на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ дека привилегиите што ги носат позициите, костумите и вратоврските не треба да ги направат поинакви луѓе сите оние што ќе ја добијат привилегијата да му служат на народот и да бидат дел од институциите на идната влада. Тоа треба да е мотив и инспирација да работат за ова да го остварат. Верувам во секого од оние што се предложени дека ќе ги следи овие насоки и дека нема да излезе надвор од овие принципи.

Доаѓаат подобри времиња за нашите сограѓани, за земјоделците, за пензионерите. Она што е ветено, а тоа е уште во првата година дека ќе имаме линеарно зголемување на пензиите од пет илјади денари, ќе се случи. И понатаму планираме на иновативен начин да ги зголемуваме пензиите. Бизнис-околината да генерира додадена вредност и поголеми приходи во буџетот, а со тоа и со поголеми и робусни капитални инвестиции.

Општините, од оние општини од кои имаме информација, можам да кажам дека се подготвени за оној дел од програмата кога реков дека ќе реалоцираме средства за реализација на многу капитални проекти. Нешто што е многу значајно за секој обичен граѓанин, за секој од нас да не гази кал во 21 век, да има вода за пиење, да има организиран систем за одведување на отпадните води. Да нема повеќе листи за чекање во градинките, учениците да бидат во пристојни услови, да бидат во затоплени училници.

Да не се прашуваат земјоделците дали и кога ќе ги добијат своите субвенции, да не се грижат за својот род дали ќе има откуп и по која цена. За пензионерите веќе кажав. Да немаме егзодус на медицински персонал и доктори и да не ги полниме клиниките во Западна Европа, Америка, Канада и во светот, туку да овозможиме пристојни услови да останат тука и да творат и работат овде. И уште многу, многу убави работи што ќе следуваат.

Почнуваме офанзивно и мислам дека, да бидам по прецизен, сигурен сум дека нема да ја изневериме довербата што оваа коалиција ја доби од повеќе од 600 илјади граѓани, кои гласаа за неа, но истовремено сигурен сум дека нема да ги изневериме и очекувањата на сите граѓани, без разлика дали гласале за нас или не гласале за нас и за оваа коалиција. Знам дека тие сега имаат големи очекувања и убеден сум дека ќе ги испорачаме, односно ќе го испорачаме сето она што го ветувавме“, изјави Христијан Мицкоски.

Можеби ќе ве интересира: