Со свечен чин во просториите на Општинската изборна комисија Велес, претседателот Пепи Димков му го врачи уверението за избор на градоначалникот Марко Колев, со што официјално започнува неговиот втор мандат на оваа функција.
На истата церемонија уверенија добија и 23-те новоизбрани советници кои ќе го сочинуваат новиот состав на Советот на Општина Велес, во согласност со резултатите од локалните избори одржани на 19 октомври годинава.
Димков им честиташе на избраните претставници и им посака успех и посветеност во работата во наредниот четиригодишен период.
Во своето обраќање, градоначалникот Колев ја истакна посветеноста на Општинската изборна комисија и на локалната самоуправа во спроведувањето на изборниот процес, кој, како што рече, поминал во демократска атмосфера и со висок степен на организација.
„Благодарност до ОИК и сите вклучени институции за успешната организација на изборниот процес, како и до граѓаните кои на фер и демократски начин ја искажаа својата недвосмислена поддршка“, додаде Колев.
Тој додаде дека во наредниот период ќе остане отворен за соработка со сите советнички групи и дека ќе продолжи со реализација на проекти од значење за развојот на Велес, меѓу кои се издвојуваат неколку капитални инфраструктурни и урбани зафати.
„Треба да ја завршиме подземната гаража во центарот на градот со плоштад, за што има обезбедено средства. Изградба на кеј на Вардар, да создадеме парк шума во населба Керамидна, да го реконстуираме Градскиот парк, да се реконструира Спортската сала Гемиџии, рече градоначалникот Колев.
Новиот состав на Советот на Општина Велес
Советот брои 23 членови, поделени според изборните резултати на политичките субјекти:
Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ (16 членови):
Даниел Јаневски
Лилија Чолакова-Дервишова
Весна Атанасовска
Нада Јованова
Жарко Манасков
Елизабета Митревска-Анѓелеска
Александар Илиевски
Маја Демерџиева
Изабела Апцева
Игор Стојанов
Селма Амедоска
Слободан Ников
Ивона Јовиќ
Мартина Стаменкова
Васко Гетов
Благојка Наунова
Коалиција предводена од СДСМ (3 членови):
17. Јованче Манасков
18. Мирјана Петрушевска Савова
19. Драган Стојанов
Политичка партија Левица (3 членови):
20. Димче Ацков
21. Ѕвезданка Пешиќ
22. Анета Стајиќ
Движење ЗНАМ (1 член):
23. Милка Панова


















