„Борис Трајковски“ под лупа на ревизорите: аквапаркот под клуч, паркингот не заработува, а поддршката за самитот на ОБСЕ недокументирана

Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работењето на салата „Борис Трајковски“ за 2023 година. Во извештајот е наведено дека друштвото остварило приходи од закупнина во износ од 10,9 милиони денари преку 24 активни договори, но кај повеќето договори цените се намалени или останале непроменети во однос на почетните.

Во 2023 година приходите од продажба на добра и услуги изнесувале 48,8 милиони денари, што е намалување од 3 проценти во споредба со претходната година, а за 2024 година се очекува зголемување на приходите за 13 отсто.

Приходите од користење на разните објекти, како пливачки базен, лизгалиште, мала сала, кугларница, конгресна сала и пинг понг-центар, бележат пораст, а аквапаркот има пад на приходите и во 2024 година е затворен поради економска неплатливост и истекување на гарантниот рок на опремата.

Agria

Во извештајот е посочена и неизвесноста за функционирањето на соларниот систем, кој бил набавен за загревање на пливачкиот базен, поради технички недостатоци.

Исто така, друштвото не остварува приходи од стопанисување со паркингот, иако има стекнато право на користење.

Во рамките на претседавањето со ОБСЕ во спортскиот центар, друштвото обезбедило логистичка поддршка на Министерството за надворешни работи, но ревизорите укажуваат дека не се доставени записи за изведените работи и инсталации и тие сѐ уште не се ставени во владение на друштвото.

Ревизорите констатирале и други неправилности, како слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на резервите суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кои се уредува начинот на пресметка на платите.

Наведените состојби, неправилности и неусогласености од разна природа влијаат на изразување на мислењето со резерва за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Се забележува и дека долгот од над 260 милиони денари кон Град Скопје за изградба на салата, направен во 2011 година, бил отплатен дури во периодот 2019 – 2023 година. Друштвото работело со загуба, а средствата биле обезбедени од државниот буџет.

За надминување на констатираните недостатоци, дадени се препораки до надлежните органи.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: