Поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека ќе биде уапсен во вторник, зашто њујоршкиот обвинител разгледува поднесување обвинение против него во случајот со давање пари на жените кои наведуваа дека имале сексуални односи со него, за да не излезат во јавност.
Трамп утринава, на социјалната мрежа Трут сошл напиша дека „нелегалните протекувања“ на информации од канцеларијата на окружниот обвинител во Менхетен укажуваат дека „водечкиот кандидат на Републиканците и поранешен претседател на САД ќе биде уапсен во вторник“.
Трамп ги повика своите поддржувачи на протест.
„Протестирајте, вратете ја назад нашата земја“, напиша тој.
Како што наведува новинската агенција Асошиејтед прес, полициски претставници во Њујорк прават безбедносни подготовки за можноста Трамп да биде обвинет.
Нема никакви јавни објави за роковите за работа на судската порота во тој случај, вклучувајќи за потенцијалното гласање за тоа дали да се поднесе обвинение против поранешниот претседател.
Истрагата се концентрира на 130 илјади долари исплатени неколку недели пред претседателските избори во 2016 за да се спречи порно ѕвездата Сторми Даниелс, чие право име е Стефани Клифорд, да излезе во јавност за аферата, која наводно ја имала со Трамп во претходните години.
Сопственикот на Твитер, Илон Маск, изјави дека доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп навистина биде уапсен во наредните денови, тоа ќе доведе до негов реизбор на претседателските избори во 2024 година.
„Ако тоа се случи, тоа ќе биде почеток на резиборот на Трамп“, напиша Маск на Твитер.
Можеби ќе ве интересира: