Тежок инцидент се случи денеска во спортската сала во скопски Чаир, на одигрувањето на натпреварите од редовното коло во машката ракометна Прва лига. Повреден е младиот ракометар на Борец Јован Атанасовски, откако бил нападнат од вработен во спортската сала „7 Март“.
На натпреварот против Аеродром Атанасовски добил црвен картон и заминал кон соблекувалната. Во тој момент, вработен во салата задолжен за одржувањето на објектот почнал да го удира со тупаници по главата и градите младиот ракометар на Борец, обвинувајќи го дека пресилно ја притиснал рачката на вратата од соблекувалната.
„На денешниот натпревар во помеѓу ГРК Борец и Аеродром, на 10 секунди пред крајот на мечот, по добивањето на црвениот картон, нашиот играч, кој инаку е сè уште малолетен, додека го напуштал теренот, бил удрен неколку пати со тупаници по главата и телото од лице вработено да ја одржува салата „7 Март“, во која настапува домаќинот на турнирот РК Ринија. По пристигнувањето во Велес, на нашиот играч му е пружена медицинска помош, при што е констатирана телесна повреда“, велат од управата на Борец.
Велешани инцидентот го пријавиле во Ракометната федерација на Македонија, по што очекуваат реакција, а случајот е пријавен и во полиција. РК Борец денеска учествуваше турнирот од четвртото коло на Првата лига, кој се играше во салата во скопски Чаир. Натпреварот против Аеродром го загуби со 45:24.
Можеби ќе ве интересира: