Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival. TBIFF е посветен на прикажување нови и иновативни филмови додека ја поттикнува следната генерација на филмаџии. Фестивалот е силен поборник за социјални промени и ја охрабрува културната разновидност и разбирање меѓу народите. Се стреми да ја поттикне филмската уметност на сите континенти стимулирајќи го развојот на квалитетно кино и промовирајќи одлични филмови, со големи вредности од целиот свет.
Ова е четврта награда за првиот долгометражен филм на Пиперкоски, кој претходно доби две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tre International Film Festivalв во категоријата играни филмови.
Филмот ја раскажува приказната по смртта на еден млад пациент, во која младиот доктор Никола се обидува да направи ред во својот живот и оди на посета кај неговиот дедо. Последен пат бил кај него пред 10 години. Ова е филм за конфилкт на генерации, со контраст на морални вредности, моменти за втора шанса.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Благој Веселинов, Горан Стојаноски и други. Монтажер е Данчо Стефков, композитор Оливер Тевчев, костимограф Жаклина Крстевска, сценограф Владимир Зафирковски. Продуцент на филмот е Огнен Антов. Зад продукцијата на филмот стои „Pandora’s Box“, продукција од Охрид во соработка со „Dream Factory“ од Скопје и „Alien Film“ од Романија.
Можеби ќе ве интересира: