КЗБ: Нема потреба од паника за мајмунските сипаници

Нема потреба од паника во земјава поради мајмунските сипаници, а здравствени власти не очекуваат драматичен развој на настаните, истакна Александар Петличковски, претседателот на Комисијата за заразни болести непосредно по денешниот состанок посветен на оваа болест.

Zito akcija 640x289px

Тој потврди дека еден од двата сомнителни случаи на заразени со мајмунски сипаници е негативен. Се работи за хоспитализираниот мигрант кој вчера беше повреден во сообраќајната незгода на патот Гевгелија-Демир Капија, по што поради сомнеж за оваа болест бил тестиран и задржан на Инфективната клиника. За вториот случај, каде се работи за сомнителен пациент од Кичево, институциите не можат да дадат одговор бидејќи не успеале да обезбедат примерок за тестирање.

Agria

Петличковски појаснува дека стапиле во контакт со семјеството, и се надеваат дека кај пациентот ќе проработи совеста и ќе се тестира.

„Епидемиолог од Битола бил два пати на место на живеење на овој сомнителен пациент, разговарано е со неговата фамилија и објаснето е дека тестирањето е во интерес на сите. Повторно ќе се повикам на личната одговорност, ние немаме законска можност да го присилиме да се тестира бидејќи никаде во светот тоа не се прави за оваа болест. Ова не е болест со која следи задолжителна изолација, во облик на препорака е“, истакна Петличковски.

Како можен начин на разврска на случајот, од Комисијата за заразни болести најавија дека ќе побараат од Министерството за здравство да се направи здравствен надзор над лицето, за институциите да стигнат до него и да го убедат за тестирање. За контактите на овој пациент нема никакви мерки за изолација.„Ова не е нов ковид, нема место за паника, односно не очекуваме сериозно ширење на оваа болест“, истакна Петличковски.

Тој нагласи дека мајмунските сипаници не се пренесуваат лесно и потребен е многу близок контакт. Додаде дека во земјава има околу 3300 тестови за детектирање на болеста.

Во скоро сите земји во регионот веќе се потврдени случаи на мајмунски сипаници, но не во голем број. Во Грција има 41 случај, Словенија – 40, Србија – 23, Хрватска 12, Бугарија – 4, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаат по еден случај, додека во Албанија нема регистрирани случаи на мајмунски сипаници.

До оваа година, вирусната болест ретко се ширеше надвор од Африка каде што е ендемична, но извештаите од почетокот на мај сигнализираа дека епидемијата се преселила во Европа. Вирусот обично предизвикува благи симптоми, вклучувајќи треска, болки и кожни лезии исполнети со гној. Луѓето имаат тенденција да закрепнуваат во рок од две до четири недели.

Секој може да го шири вирусот, но сегашната епидемија надвор од Африка е концентрирана речиси исклучиво меѓу мажите кои имаат секс со мажи.

Можеби ќе ве интересира:

https://batali.net/31884/pozhar-pomegu-selo-nogaevczi-i-patarina-gori-treva-i-niska-vegetaczija/