Затворен за сообраќај е мостот на северниот влез на Велес, кај Башино Село, откако експертите од Градежниот факултет алармирале дека во секој момент може да падне. Извештајот стигнал вчера, а мостот од денеска и официјално е забранет за сообраќај. Сите возила се пренасочуваат кон источниот влез во близина на Костурницата, а на тешките товарни возила денеска им беше забрането да влегуваат во градот. Граодначалникот на Велес Марко Коелв, кој заедно со премиерот Христиајн Мицкоски, министрите за внатрешни рабопти и транспорт Тошковски и Николовски и директорот на ЈПДП Трајановски, денеска беа на увид на овој мост, рече дека било договорено, дел од градските улици да бидат со двосмерен сообраќај, а камионите да влегуваат во градот во периодот од 22 до 6 часот, за да не се создава метеж во центарот на Велес.
„Ова е тешка одлука. Многу фирми и граѓани се засегнати, но верувајте дека безбедноста е пред се и нема да дозволиме, после ваков извештај, мостот да функционира. Ќе мораме да издржиме два-три месеци додека мостот не се санира. Дотогаш, ќе се обидеме да воспоставиме влез на тешките товарни возила во ноќниот период. Благодарност до директорот на Царина кој го отстапи паркингот на терминалот, каде што ќе се паркираат овие камиони ноќе. Ќе се обидеме да обезбедиме уште некој простор за паркинг. Ова е во интеренс на граѓаните. Не дај Боже нешто да се случи, после џабе ни е се. Оваа работа не е од вчерам туку е од пред 8 до 10 години. Изреволтиран сум од претходната централна власт, која ги имаше овие сознанија, но не го санирала мостот порано“, рече Марко Колев, градоначалник на Велес.
Според извештајот, нарушена е стабилноста на мостот, на кој има сериозни хоризонтални и вертикални вибрации, а забележани се многу пукнатини и на мостот и на столбовите. Нуркачки екипи на МВР денеска вршеа снимање на подлогата на столбовите кои се наоѓаат под вода. Се чека техничко решение од Градежниот факултет кое треба да стигне деновиве, за да почне санацијата на мостот, која е проценета да трае помеѓу 60 и 90 дена. Паралелно со ова, се врши проектирање на нов мост, кој треба да се изгради неколку метри под стариот.
„Жал ми е за велешани кои ќе мора некое време да живеат во сообраќаен метеж, но подобро ние да примиме по некој политички куршум, отколку да загубиме човечки живот. Комплетно е уништена и арматурана и бетонската конструкција на овој мост. Снимките кои ги прават нуркачите ќе им помогнат на инженерите да направат проектм со кој, колку – толку ќе се санира мостот и по 90 дена да го пуштиме сообраќајот барем по една лента, со соодветна сигнализација. Во втората половина на годинава ќе почне изградбата на нов мост“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Мостот е стар 54 години и е изграден од страна на тогашната Југословенска народна армија во 1971 година како времено решение. Во 2018 година, тогашниот градоначалник Аце Коцевски иницираше мерења на стабилноста на мостот, кои покажаа алармантни податоци. Коцевски апелираше до тогашната Влада да почне изградба на нов мост, но то сега тоа не се случи.
Со затворањето на мостот, Велес останува без влез преку кои сообраќаа тешки товарни возила. За да се стигне до општина Чашка, сега ќе мора да се користат другите два влеза, кои поминуваат низ центарот на градот.