„Визер“ ги укина линиите од Скопје до Келн, Копенхаген и Стокхолм со стапување на сила на зимскиот распоред за летање. Летот за Келн е повлечен поради високите трошоци што ги наметнува аеродромот Келн-Бон, но за патниците кон Германија компанијата ќе го зголеми бројот на летови до Дортмунд, па така во ноември и декември ќе се лета шест пати неделно, а околу Нова година ќе има секојдневни летови.
За патниците кои досега патуваа за Копенхаген, „Визер“ нуди можност за летови до Малме во Шведска, иако бројот на летови за оваа дестинација засега останува непроменет. Стокхолм, меѓутоа, останува непокриен за македонските патници во зимскиот период.
На официјалниот сајт на „Визер“ веќе не можат да се купат билети за овие три дестинации, а нема информации дали истите ќе се вратат со летниот ред на летање.
Во меѓувреме, министерот за транспорт Александар Николоски најави дека во 2025 година Скопскиот и Охридскиот аеродром ќе се поврзат со шест нови дестинации. Според Николоски, државата субвенционира по 12 евра за секој пристигнат патник на охридскиот и 9 евра на скопскиот аеродром, со цел да се зголеми бројот на патници за 200 илјади. Во летниот период, од скопскиот аеродром се оперирало со 47 дестинации, а од охридскиот со осум, додека зимскиот распоред нуди 33 дестинации од Скопје и четири од Охрид.