Како неточна се покажа информацијата која утрово ја објави порталот 24инфо, а која ја пренесе Батали.нет, дека извршниот одбор на СДСМ го избрал Марјанчо Николов за кандидат за градоначалник на Велес. Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на прес конференција предмалку објави дека актуелниот пратеник на СДСМ од Велес Ненад Коциќ официјално е кандидатот кој ќе ја трча изборната битка за градоначалник на Велес на претстојните локални избори.
„По направените анкети и испитувања на јавното мислење, Ненад Коциќ убедливо е најдобриот кандидат за градоначалник на Велес. Тој е актуелен пратеник, но е истакнат борец за здрава животна средина и велешани добро го познаваат. Со него победата во Велес е сигурна“, рече Љупчо Николовски.
Содржината продолжува под рекламата
Ненад Коциќ влезе во политиката во 2017 година, кога како кандидат од граѓанскиот сектор беше носител листата на СДСМ за членови на Советот на Општина Велес на тогашните локални избори, а во еден период беше и претседател на Советот на општината. На ланските парламентарни избори Коциќ стана пратеник во Собранието на Македонија.
Содржината продолжува под рекламата
По професија е лекар – специјалист по интерна медицина, а познат е и како екологист, кој беше еден од предводниците на протестите и борбата против загадувањето во Велес од страна на Топилницата.
Негов противкандидат на претстојните локални избори ќе биде Марко Колев од ВМРО ДПМНЕ.
Можеби ќе ве интересира: