Фотографија со кандидатот за градоначалник на СДСМ Ненад Коциќ, направена за време на неговата посета на инфективното одделение на велешката болница, во кампањата за локалните избори, ја остави др. Силвана Мишкова без Спомен плакета „9 Ноември“, дознава Батали.нет од извори блиски до советничкото мнозинство. Сепак, официјално, од советничкото мнозинство велат дека причина да не го прифатат предлогот др. Мишкова да ја добие наградата, не е направената фотографија, туку тоа што Инфективното одделение на велешката болница лани добило признание, а годинава награда ќе добие велешката болница.
„Со оглед дека Болница Велес оваа година сосема заслужено доби благодарница, како дом и репрезент на целиокупниот медицински персонал, сметаме дека оваа благодарница е благодарност на сите вработени во болницата во борба против ковид-19, независно од нивниот профил. Оваа благодарница е за секој од нив, вклучително и за доктор Мишкова. Потсетуваме дека минатата година др. Мишкова лично подигна благодарница во име на Инфективното одделение, каде што повеќе од успешно ја врши својата професионална дејност. Затоа, сметаме дека др. Мишкова и оваа и минатата година е добитник на благодарница од Општина Велес“, изјави за Батали.нет Игор Смилев, советник од Левица.
– Содржината продолжува под рекламата –
Сепак, добро упатени извори, за Батали.нет коментираат дека советничкото мнозинство не можело да премине преку тоа што др. Мишкова, како раководител, во работно време, го изнела персоналот на инфективното одделение пред објектот да се слика со кандидатот за градоначалник на СДСМ, Ненад Коциќ. ВМРО ДПМНЕ тогаш неколку денови упорно бараше одговорност од болницата за тоа што, како што истакнуваа, со својот потег др. Мишкова ги оставила пациентите со ковид-19 без медицинска нега, за да се сликаат со кандидатот на СДСМ. Реакција тогаш немаше ниту од раководството на болницата, ниту од СДСМ.
– Содржината продолжува под рекламата –
На вчерашната седница на Советот, советничката група на СДСМ предложи инфектологот др. Мишкова, која е раководител на Инфективното одделение во велешката болница, да биде еден од добитниците на највисоката општинска награда, за нејзиниот ангажман во изминатата година во борбата против ковид-19, но не само како лекар во болницата, туку и како активист во невладиниот сектор, кој несебично помагал во справувањето со пандемијата. Предлогот, кој првично стигнал од Ротари клубот, матичната Комисија за општествени дејности, со надгласување, не го поддржала, со истото образложение кое го даде и Смилев.
Овој предлог, без образложение, не доби поддршка од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Левица и советникот на ДУИ ниту на седницата на Советот. Советникот од СДСМ Марјанчо Николов уште еднаш ја предложи др. Мишкова, обраќајки се посебно до советниците на Левица, кои ги повика да го поддржат предлогот, согласно нивната претходна изјава дека ќе ги поддржат сите добри проекти за Велес.
„Не разбирам зошто и од кои причини овој предлог е одбиен. Ако сакаме како граѓани, како нивни претставници да промовираме вакви позитивни примери, да даваме благодарност, тврдам дека ништо помалку од сите други предложени кандидати докторката Силвана Мишкова не заслужува да биде одбиена. Посебно ќе им се обратам на колегите од ‘Левица’, кои рекоа дека сите позитивни проекти и предлози кои што се за градот Велес ќе ги поддржат. Колеги од ‘Левица’ еве ви шанса. Ако колегите од ВМРО ДПМНЕ имаат одредена резерва, не знам од кои причини, вие имате шанса со вашите три гласа да оваа одлука помине. Вакви профили, хуманисти, општествени работници се богатство на градот“, рече Николов.
Советникот на Левица Игор Смилев во изјава за Батали.нет вели дека советничката група на неговата партија и понатаму стои на ставот дека ќе ги поддржи сите добри проекти за Велес, но доделувањето награди не го смета за проект.
Советот на Општина Велес вчера одлучи 9-то Ноемвриска пофалница да им се додели на Богданчо Драскачев и Благој Ѓорчевски – хуманитарци, волонтери во гаснење пожари, Никола Димов – кајакар, Тале Илиевски – атлетичар, маратонец, Марија Пановска – кајакарка, Марија Николов – кошаркарка, Камелија Дуковска- виолинистка и Томе Трајков – граѓански активнист.
Благодарница добиваат волонтерите на ОО на Црвен крст Велес, Ненад Витанов – театарски режисер, Елма Шемсовиќ – фудбалерка, Петре Штерјов – пијанист и хуманитарец, Дарко Николов – одбојкар, Трајче Чатмов – ликовен уметник, Ангел Мицевски Скакар – тренер и претседател на Боречки клуб Борец, ЈЗУ Општа болница Велес, Филип Иванов – хуманитарец, Филип Арилон – музичар, гајдаџија и Благородна Донева – етно креатор и уметник.
По предлог на градоначалникот на Општина Велес, благодарници се доделуваат на сите компании кои помогнаа да се отвори пунктот за вакцинација во Велес.
Спомен плакета му се доделува постхумно на Игор Ангеловски – поранешен командир на Полициска станица Велес, РОНТИС ДООЕЛ и МАРКАРТ Македонијa ДООЕЛ, како општестевно одговорни компании, со континуирана поддршка на неколку институции во градот.
Наградата за животно дело ќе му се додели на актерот во пензија Александар Ѓеоргиев, кој својот работен век го помина како член на ансамблот на Народниот театар Ј.Х.К. Џинот.
Манифестацијата на која ќе се доделат наградите ќе се одржи на 9 Ноември – Денот на ослободувањето на Велес.
Можеби ќе ве интересира: