Велес ги доби првите две „Зелени детски градини“

Комплетно нов изглед имаат дворовите на клонот „Ѕвончица“ на детската градинка „Димче Мирчев“ и ПОУ „Маца Овчарова“ во Велес. Во нив се засадени по 25 стебла на дрвја од видот туја, на оградните ѕидови на палети кои претставуваат вертикални градини  закачени се вкупно 80 жардиниери со засадени семиња на хербални растенија и зачини и во земјените делови поставени се два пластеника за одгледување на градинарски растенија. Ова е резултат од 7 месечната реализација на проектот „Зелени детски градини“ на Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ Велес, во кои градинката и посебното училиште се партнери. Дворните места на објектите на двете институции се наоѓаат на левата страна на градот.

Zito akcija 640x289px

Целта на проектот беше јакнење на свеста на најмладите велешани за здрав начин на живот и чист воздух во Велес кој се’ уште ги трпи последиците од три децениското загадување со тешки метали. Израснатите плодови како што се чаеви, зачини, домати, пиперки, марули, лук, кромид, црн домат, ги одгледуваат децата и учениците и бербите завршуваат во нивните кујни за подготовка на чаеви, салати и оброци.

Agria

Проектот предизвика особен интерес во Министерство за животна средина и просторно планирање за што денеска на симболичното свечено затворање присуствуваше заменик министерката Христина Оџаклиеска. Таа искажа задоволство од се што  виде и искрено воодушевување што целната група на проектот беа деца, ученици и ученички кои од најрана возраст се едуцираат за најзначајните животни придобивки.

“Би сакала да ја изразам мојата благодарност што денеска бев поканета  на овој настан. Со задоволство ги разгледав резултатите од проектот и можам да кажам дека секоја добра идеа ќе наиде на поддршка од институциите во системот. Во овој случај, оваа идеа добила поддршка од нашата институција, Министерство за животна средина и од Општина Велес. Јас би сакала да ве поддржам и во иднина да ги развивате вашите идеи и очекувам дека ќе бидете пример за сите останати градинки и  училишта во вашата општина. Посебно значајно за мене е што со овој проект вие испраќате една силна порака дека свеста за заштита на животната средина  треба да се всади уште во најраната детска возраст, затоа што освен што ја штитиме животната средина, дрвјата, растенијата, животните, сето тоа го правиме во крајна истанца и за граѓаните и за нашите дечиња да живеат во поздрава и поубава животна средина. Уште еднаш честитки за реализираниот проект и навистина ви посакувам успех и ве охрабрувам за сите ваши добри идеи да побарате поддршка од институциите. Во идинина, ова треба да биде пример и за сите други училишта и градинки“, додаде Оџаклиеска.

„Чест и обврска и задоволство е во име на Советот на Општина Велес, во име на граѓаните и граѓанките на Велес и во лично мое име, прво да им честитам на преставничките и преставниците на Фондација Фокус, за прекрасната идеа која е одлично реализирана. Потоа да им честитам и да им се заблагодарам на вработените и на директорките на училиштето „Маца Овчарова“ и на детската градинка „Димче Мирчев“  за учеството во овој проект, за кретивноста, за осмислувањето на сите овие содржини, за соработката со фондацијата „Фокус“ и за убавиот изглед на сето тоа што денес ни беше преставено. Би сакал да им се заблагодарам и на преставниците на бизнис заедницата што ја препознале оваа идеа и им дале поддршка. Особена благодарност упатувам до здружението на граѓани „Акцијаш ветерани“ за несебичната поддршка на многу други проекти организирани од општината кога е во прашање животната средина и се разбира најголема благодарност на Министерството за животна средина и просторно планирање  за одобрените 300.000 денари за реализација на овој проект на кој Општина Велес се надоврза со 70.500 денари  обзебедени од локалниот буџет. Со овој проект велешани уште еднаш потврдуваат дека имаат најсилно изразена и изградена еколошка свест во цела држава. Благодарение на битката што ја водевме во минатото за здрава животна средина и добро е што продолжуваме по тој пат да бидеме повторно пионери, предводници, затоа што бев информиран дека ваков проект, ваква зелена детска градина нема во ниту една градинка и училиште во нашата земја. Посакувам овој пример да го следат и училишта и градинки, а министерството и бизнис заедницата да ги препознаваат овие идеи и да ги поддржуваат во наредниот период. Најважно е што дечињата коишто се згрижени во детската градинка како и дечињата кои учат во училиштето „Маца Овчарова“ уште од најрана возраст се воспитуваат да имаат правилен однос кон животната средина, кон здравјето на луѓето и правилен однос колку е значен здравиот начин на живот и здравата храна за добро здравје и за квалитетен живот. Тие на свој начин заедно со своите воспитувачки, наставнички го прават тоа како што бевме информирани и се надевам дека ќе израснат во вистински личности кои ќе имаат правилен однос кон животната средина, кон природата, здравјето, кон производството на здрава храна. На сите ви честитам и имам особена чест што поддржавме ваков проект“, рече Градоначалникот Аце Коцевски.

Извршната директорка на Фондација „Фокус“  Убавка Јневска, со жалење констатираше дека проектот се затвора во услови на пандемија на ковид-19 коишто не овозможуваат контакти со најзаслужните, поточно децата, учениците и ученичките во двете институции, за тие денеска научените лекции од седум месечната реализација на проектот да ја прикажат преку песна, игра и стекнати навики заедно со вештини.

„Се што се случуваше во изминатиот период, честопати прекинуван, поради бројките на заразени граѓани од опасната заразна болест, имаше за цел да создаде навики кај најмладите велешани да одгледуваат наместо да уништуваат, да се хранат здраво, да дишат чист наместо загаден воздух и да бидат коректори на лошите навики на возрасните кои наместо да ја негуваат и заштитуваат тие ја загадуваат животната средина. Фондација „Фокус“ има за цел во секое училиште и клон на детска градинка и на секое парче земјена површина во градот да создава вакви или слични градини кои Велес со право ќе го сврстат на листата на зелени градови и не само во нашата држава туку и надвор од неа“, додаде Јаневска.

Финансиските поддржувачи на проектот Министерството и Општината, освен благодарници добија и фотографски албуми со голем број на фотографии од реализацијата на проектот како и примерок од боенка, додека фирмите „Делта Пром“, „Хемомак Пестициди“, „Ронтис“, фабрика за шински возила „Велес“, ШС „Бабуна“, ЈКП „Дервен“, ЗГ „Акцијаш ветерани“ , како и помошник директорката во ЈП „Национални шуми“ м-р Маре Басова и дипл. арх. инг. Цветанка Саздова, благодарници за општествена одговорност, за волонтерство, за граѓански ангажман и за посебен придонес во реализацијата на проектот „Зелени детски градини“.

Превземено до duma.mk

Mожеби ќе ве интересира: