Пред 41 на денешен ден година почина претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – Јосип Броз Тито (1892-1980).
Тито е роден на 7-мај 1892 во Кумровец. Тој беше водач во борбата против окупаторот од 1941 до 1945 година, а беше и долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и командант на нејзините оружени сили од крајот на Втората светска војна до смртта во 1980 година.
Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, во кое беа обединети земји од неколку континенти кои не припаѓаа на ниеден од двата доминантни блока во тоа време, западен и источен блок – НАТО и Варшавскиот договор.
Еден од успесите на југословенската власт на чело со Тито, пред сè во периодот до крајот на 1960-тите, беше градењето на братството и единството помеѓу југословенските народи и народности. Но, од крајот на 1960-тите национализмот беше во постојан пораст за на почетокот од 1990-тите да доведе до распад на Југославија.
Како признание на несомнените државнички способности и успеси на Јосип Броз Тито, на неговиот погреб во мај 1980 присуствуваат бројни високи странски делегации и ќе остане запаметен како погреб со најголем број политичари и државни делегации во светската историја по оној на папата Јован Павле II во 2005 година.
Веста за смртта на Тито им беше соопштена на Југословените од спикерот на белградската телевизија, Миодраг Здравковиќ.
„Умре другарот Тито. Ова вечерва го објавија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија до работничката класа, работните луѓе и граѓаните, народите и националностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ – гласеше веста која одекна во светот.
Јосип Броз Тито почина во 15.05 во недела на 4 мај 1980година, на 88 годишна возраст во болницата во Љубљана, по 122 дена долга борба со болеста предизвикана од запушување на крвните артерии во левата нога.
Можеби ќе ве интересира: