Група од осум мигранти денеска околу 12 часот помина по железничката пруга во центарот на Велес. Камерата на Батали.нет успеа да го сними нивното минување. Мигрантите се движат од југ кон север, односно кон границата со Србија, откаде се обидуваат да стигнат до земјите од западна Европа.
Откако почна кризата со коронавирусот, се намали бројот на мигранти кои нелегално ја поминуваат територијата на Македонија. Сепак, во последните недела – две, повторно е забележано зголемено присуство на мигранти, кои освен пругата, често го користат и автопатот Гевгелија – Скопје, но се превезуваат и со илегални трговци.
Пред два дена, железничка локомотива усмрти мигрант кој спиел на пругата, кај велешкото село Згрополци. Неколку дена претходно, двајца мигранти со закана од пиштол се ограбени на автопатот Градко – Велес, во близина на село Караслара, а истиот ден, кај клучката Велес – Скопје – Штип полицијата фати шверцер, кој превезувал 12 мигранти. Една недела претходно, кај месноста Пуста кула, на стариот пат Скопје – Велес полицијата откри 25 мигранти во три автомобили, но возачите побегнаа.
Поврзани вести: