Железницата е веќе петти ден во прекин поради штрајк. И додека вработените си ги бараат заостанатите плати, а менаџментот ги пресметува загубите, вистински човечки драми се случуваат недалеку од Велес, а за тоа не се свесни ниту првите, ниту вторите.
Триесетина жители на велешките планински села Слп, Карабуњиште, Белештевица и Лавчани, меѓу кои и две деца, веќе петти ден живеат отсечени од цивилизација. Им се намалуваат залихите на храна и лекови. Ги јадат последните оброци, зачувани за зло време. Понатаму не знаат како, ако штрајкот на железници продолжи. Возот им е единствената врска со светот. Пат до Велес речиси и да немаат. Лето е прооден со магариња, а зиме никако. Поради дождовите, сега е уништен.
Содржината продолжува под рекламата
Митко Илиевски од село Слп преку видео порака се обидува да ја анимира јавноста, но и надлежните да преземат нешто.
Содржината продолжува под рекламата
„Отсечени сме буквално од се. Железничкиот сообраќај е во прекин, пат немаме, никакво возило не може да дојде. Во селото има стари и изнемоштени луѓе, немаме храна, не можеме да си набавиме ниту леб, ниту лекарства. Оставени сме на милост и немилост“. рече Митко Илиевски, жител на село С`лп.
Батали.нет денеска е цел ден во комуникација со Илиевски. Во последниот контакт со него, тој рече дека состојбата е веќе критична.
„Јадеме по еднаш на ден, оти мора да штедиме. Ако продолжи штрајкот, за два-три дена ќе ги изедеме залихите“, рече Илиевски.
За да стигнат во Велес, жителите на овие планински села, над Таорската клисура, оддалечени само неколку десетици километри од центарот на градот, пешачат до железничката станица Рајко Жинзифов, од каде што со воз продолжуваат во Велес или Скопје. Но сега, поради штрајкот на машиновозачите, возови нема.
Од Центарот за управување со кризи велат дека тие интервенираат само ако постои животозагрозувачка ситуација. Според нив, во овој случај такво нешто не постои, па за помош на овие жители не упатија одговор да бараме во општина Велес и Црвен крст. Од општината и Црвениот крст велат дека веќе стапиле во контакт со жителите и се бара начин како да се пристапи до нивните села. Ова не е прв пат жителите на овие села да бидат отсечени. Во 2013 година, ги завеа снег, па помош во намирници им беше доставена со хеликоптер. Пред четири години поради голем снег, храна добија преку Црвениот крст.
Можеби ќе ве интересира: