Наградата Гран при за најдобра претстава на 18-от ИФАД „Стоби“ 2021 му беше врачена на Битолскиот Народен театар за претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“, награда за најдобра режија постхумно ја доби режисерот на оваа претстава Игор Вук Торбица, а за најдобра актерка Викторија Степановска-Јанкуловска, актерката на Битолскиот театар која во оваа претстава ја игра улогата на Водачот на хорот.
Наградата за најдобра машка улога, пак, му беше врачена на Зоран Љутков за улогата на Силен во сатирска игра во режија на Деан Дамјановски во претставата „Орестија“, копродукција на велешкиот Народен театар „Ј Х К-Џинот“ и Националната опера и балет.
Текстот продолжува под рекламата
Вака одлучи жирито на фестивалот во состав: Васил Зафирчев актер, Кети Борисоска актер и Розе Трајчевска костимограф. Наградите беа свечено врачени синоќа на сцената „Петре Прличко“ на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес, а публиката во салата ги награди добитниците со долг и силен аплауз. Наместо традициоалната статуетка на фестивалот „Менада“ добитниците годинава добија по еден дијамант од спонзорот „Божиновски“.
Текстот продолжува под рекламата
Како што се вели во образложението на жири комисијата на фестивалот, Зоран Љутков во улогата на Силен се карактеризира со суверено и зрело мајсторство во сите сегменти на ликот реализирани прецизни актерски, пејачки и танцови партитури низ кои со неверојатна леснотија се претставени психоемотивните нијанси од драматичното во комичното со што неговиот лик несомнено станува актерски столби на целокупната театрологија „Орестија“.
Во обраќањето до публиката актерот Љутков истакна дека наградата многу му значи, бидејќи 20-тина години е дел од овој фестивал како организатор и учесник. Љутков, кој порано беше актер во Велешкиот театар, се заблагодари на родниот велешки Народен театар „Ј Х К –Џинот“ што бил поканет да биде гостин во овој проект и на целата продукција.
Тој порача дека на Македонскиот народен театар му недостасуваат критики и дека МНТ е невидлив и во медиумите и кај критичарите и изрази надеж дека тоа во иднина ќе се промени.
За наградената за најдобра женска улога Викторија Степановска-Јанкуловска, жири комисијата оцени дека имала концентрирана, посветена и прецизно дозирана актерска игра изразена преку градација на психо-емоционалните валери на ликот и неверојатна моќ за трансформација.
„Оваа награда ја должам и ја делам со многумина, а тоа е целата моја екипа на „Бакхи“, на Лина и Иван кои го донесоа режисерот Игор Вук Торбица и други големи имиња со кои некако заедно се учиме и постојано се потсетуваме „како се кали челикот“ и како се работи оваа работа. На моите Ведран и Деан кои постојано дишат со мене во добро и зло. На татко ми актерот Слободан Степановски кој се противеше да се занимавам со оваа професија и сега се гордее иако ретко признава. На мајка ми која е најхрабрата единка која некогаш сум ја запознала и која е мој постојан поттик и светилник и на нашиот Игор Вук Торбица кој беше посебен по многу нешта и на многу начини. Игор во мене препозна свој сојузник и ме нарекуваше прв сојузник во борбата, затоа сум му искрено и вечно благодарна. Воедно се заблагодарувам и до селекторот на фестивалот Сашо Димоски и жирито“, порача Степановска –Јанкуловска.
Додаде дека многу и значи наградата, но дека сепак најголема награда за неа и за нејзината екипа е тоа што успеале да украдат од времето, од талентот, од големината на духот на нивниот режисер Игор.
„Ова е за тебе Игор“, порача од сцената наградената Викорија Степановска-Јанкуловска.
Наградата за најдобра режија на фестивалот постхумно му се додели на Игор Вук Торбица за претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“ во продукција на Народен театар Битола, а ја прими актерката Лина Чоревска.
Во образложението на жирито за наградата се вели дека режисерот креира оригинален сценски свет во кој преку асоцијативен систем од знаци и слики го театрализира распадот на системот и неговото болно создавање во идните корени во цивилизацијата која допрва треба да се роди.
Актерката од оваа претстава од битолскиот Народен театар Лина Чоревска, примајќи ја наградата за најдобра режија на Игор Вук Торбица потсети дека исто така кога тој пред две години ја добил наградата за најдобра режија и Битолскиот театар за најдобра претстава на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, таа исто така морала да говори за Игор поради негово отсуство и работа некаде во регионот.
„Вечерва моите чувства изгледаат како нашите театарски маски. Среќна сум затоа што три од четирите награди коишто ги доделува Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ заминуваат во нашиот театар. Среќна сум што жирито ја препозна големината на „Бакхи“ и што покрај се во животот, театарот го наоѓа својот начин и ние сме вечерва заедно. Но, мојата голема тага е што Игор не е вечерва тука и мојата тага е што не можеме да ги направиме сите проекти за кои заедно мечтаевме и сонувавме“, рече Чоревска.
Таа во име на директорот на Битолскиот театар Иван Јерчиќ ја прими и Гран при наградата на фестивалот ИФАД „Стоби“ 2021 и ја презентира неговата порака.
Во чест на лауреатите на фестивалот беше изведена претставата „Отело“ копродукција на Перипетија, МНТ и НП Зеница од Босна и Херцеговина, со што и заврши програмата на годинашниот 18 ИФАД „Стоби“ 2021.
Основачот и организатор на фестивалот Општина Велес со одлука на Советот на Општина Велес, годинава организацијата на фестивалот му ја преотстапи на НУЦК „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Фестивалот парично го финансира Министерството за култура и Општина Велес и повеќе спонзори.
Можеби ќе ве интересира: