Бочарски клуб „Парк“ од Велес ќе биде првиот формиран бочарски клуб во земјава. Иницијативниот одбор за формирање, вчера донесе одлука клубот да биде регистриран во Централниот регистар, со што и официјално ќе почне ерата на бочање во Македонија.
Во иницијативниот одбор членуваат група интузијасти, познати велешки спортски работници. Тие планираат да побараат дозвола од градските власти во градскиот парк да направат терен за тренирање и одигрување бочарски натпревари. Чинот на иницијативата за формирање на клубот беше залиен и со ладно пиво, а беа промовирани и првите кегли за бочање наречени балоти.
Потеклото на оваа специфична медитеранска игра со кегли на рамна површина наречена бочање е непознато. Името и потекнува од италијанскиот збор „boccia“, што значи кегла. Некои од можните колевки на овој спорт се шпанската покраина Баскија и Италија. Од земјите во регионот, најмногу се игра во Далмација.