Велешанецот Стефан Јосифовски, кој во Словенија гради успешна музичка кариера под името Ел Македонер објави нов сингл со наслов „Самоконтрола“. Стилски, песната е раперска, но овој пат Стефан се одлучи да експериментира во трап-рапот. Вели дека инспирација му дало тоа што во Словенија, каде што веќе десетина години живее, нема артисти кои го негуваат овој стил.
„Луѓето кои живеат тука мислат дека словенечкиот јазик не е толку певлив за таков вид музика. Е токму тоа мене ме инспирираше да ја создадам песната „Самоконтрола“ и да им докажам дека сè е возможно ако се има вистинска желба“, вели Ел Македонер.
Песната е дел од новиот бран што пред неколку години ја зафати младата популација, но е прифатлив за сите генерации. Снимена е во моето домашно студио „Балкан рекордс“, а за додатната магија на вокалите „виновен“ е Иван Петровиќ од Босна и Херцеговина, со кого Стефан планира да соработува и понатаму.
„Спотот го работеше мојата екипа од Неси видеос од Словенија, а го снимавме два дена – на туристичкото место Блед и тамошното езеро и на спортскиот аеродром Лесце. Искористивме се што ни беше понудено, за на крај да го добиеме овој производ“, раскажува Ел Македонер.
Стефан има 25 години, а неодамна во Словенија дипломираше и стана инженер по технологија на полимери, односно неговата насока ја опфаќа преработката на пластика. Во Словенија заврши и средно училиште и својата иднина ја гледа во таа земја. И покрај дипломата, вели дека нема да се откаже од музиката, а планира да сними песна и на својот мајчин јазик.
„Со оглед на тоа што сум носталгична личност, можеби еден ден ќе снимам песна и на македонски јазик, со цел да си го исполнам чувството во мене, затоа што сепак потекнувам од Македонија, но и да ја видам реакцијата на македонската публика“, рече Ел Македонер.
Синглот „Самоконтрола“ е веќе достапен на сите дигитални платфорни како Spotify, Deezer, iTunes, но и на главниот пребарувач за музика YouTube.
Можеби ќе ве интересира: