Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Претседателот на државата Стево Пендаровски како што е најавено ќе положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на неговата делегација на градските гробишта „Бутел“ во Скопје, а делегации од Кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.
Велешнката Анита Кришан Лозаноска беше дел од тимот на претседателот што патуваше на меѓународна економска конференција во Босна и Херцеговина. Таа работеше како советник во кабинетот на претседателот.
Во авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и велешнката Анита Кришан Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
Можеби ќе ве интересира: