Се пополнува и проширениот капацитет на инфективното одделение во велешката болница. Денеска таму се хоспитализирани 42 пациенти, а има уште 12 слободни болнички кревети. Потврдени позитивни на ковид-19 се 37 пациенти, додека пет се водат како сомнителни. Од нив, 15 пациенти се на кислородна поддршка.
И покрај многуте пациенти со потешки симптоми, последните неколку дена ниту еден не е транспортиран на клиниките или болниците во Скопје.
„За потешките случаи редовно се консултираме со ГОБ „8 Септември“ и со Клиниката за инфективни болести во Скопје. Оттаму ни велат дека терапијата што ја применуваме во нашата болница е истата која ја применуваат и тие, а за пациенти на кои им е потребен респиратор се чека место“, рече др. Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.
На инфективното одделение во велешката болница вчера починаа двајца пациенти, жена на 61-годишна возраст, која била примена пред седум дена и маж на 63-годишна возраст, примен неколку часа пред смртта во тешка состојба и со повеќе коморбидитети како дијабетес и висок крвен притисок. Со нив од коронавирус досега починаа 23 пациенти, од кои девет во последната недела.
Можеби ќе ве интересира: